Ракометната федерација на Македонија испрати писмо-реакција до еврокомесарот за проширување ма ЕУ Штефан Филе за неупотребата на придавката „македонски“ во Извештајот на Европската комисија.


“Македонскиот ракомет е значен дел од европскиот ракомет. Ние сме непријатно изненадени од последните постапки на Европската унија, со кои се брише македонскиот јазик и македонскиот идентитет на крајно нецивилизиран и неправеден начин. Тоа е тешка навреда за македонскиот народ и силно ги повредува чувствата на секој Македонец. Ваквиот нечесен однос е спротивен на реалноста во која е потврдено дека Република Македонија постои и постои македонски народ, а нашиот идентитет е македонски, стои во дописот на РФМ.

Федерацијата на ракометарите потсетува дека европски првак во клупски ракомет е и македонскиот шампион „Кометал Ѓорче Петров“ и дека никој во ракометна Европа нема проблем со тој факт.

– Па затоа сме зачудени зошто Европската унија би имала нешто против македонскиот идентитет. Би сакале да потенцираме дека ние сме се чувствувале, се чувствуваме и ќе се чувствуваме како Македонци. Доколу Вашиот однос на негирање на овој факт продолжи, би имал само негативни ефекти, а знаеме дека Европската унија промовира само позитивни вредности и позитивни ефекти, и тоа не би ви одговарало ни на вас, стои во писмото-реакција, потпишано од генералниот секретар на РФМ,  Марјан Начевски.

Федерацијата го повикува Филе да го смени негаторскиот однос и е убедена, пишува во писмото,  дека и тој интимно знае дека е неточен и неправеден. – На тој начин да опстоите на принципите на Европската унија за правда, за соработка и за почитување на различностите, наведувам Ракометната федерација на Македонија.

Ohridnews