Ракометна федерација на Македонија (РФМ) им вети награда во финансиски надомест на македонските ракометари за успех на Европското првенство во Хрватска кое започнува денеска.

– На завршниот состанок на управата и стручниот штаб на Ракометната Федерација на Македонија со машките репрезентативни сениори непосредно пред поаѓањето за ЕП2018 во Хрватска, Претседателот на РФМ, г. Живко Мукаетов најави парични премии за репрезентативците за настапите на претстојниот континентален собир.

Имено, Мукаетов најави премија од 30.000 евра за репрезентацијата доколку се оствари пласман во втората фаза од првенството и дополнителни 30.000 евра (или вкупно 60.000 евра) доколку А-тимот обезбеди пласман на некое од првите 6 места на првенството. Доколку машките сениорски репрезентативци пак успеат да стигнат до полу-финалето на ова првенство (пласман во топ 4), Претседателот на РФМ вети премија од дополнителни 40.000 евра или вкупно 100.000 евра за ваков висок пласман на шампионатот.

По исполнување на (некој од) горе наведените услови, споменатите предлози за парични премии ќе бидат предложени за верификација до Управниот одбор на Федерацијата.- стои во соопштението од РФМ.

„Црвено жолтите“ пристигнаа во Загреб го одржаа првиот тренинг, а првиот меч го играат против Словенија сабота (утре) со почеток во 19 часот и 30 минути. Потоа, Македонија силите ќе ги одмери со Црна Гора и на крајот со Германија.

OhridNews