ГРК Охрид е во пеколен ритам во финишот на сезоната. Пред клубот кој игра на два фронта се клучните натпревари во домашното првенство и ЕХФ Европскиот куп каде Охрид ќе игра во финалето со МОЛ Татабања од Унгарија. Но претходно „гладијаторите“ имаат значајни дерби пресметки во плејофот од Супер лигата со Вардар во сабота, а потоа и со Еурофарм Пелистер.
Навивачката група „Рибари“ го мобилизира членството од сите генерации за претстојните предизвици. Прва е средбата со претендентот за титула во ракометното првенство Вардар, на која се очекува полна сала и одлична атмосфера.
ГРК Охрид, пак, денеска се огласи со соопштение во кое бара поддршка од навивачите на дуелот со Вардар кој може да биде клучен за расплетот во врвот на табелата.
ГРК Охрид ги повикува охриѓани и навивачката група Рибари, кои се значаен дел од историскиот успех на клубот да ја исполнат салата “Билјанини извори”, да ни дадат поддршка во натпреварот со Вардар кој е од големо натпреварувачко значење.
Заедно можеме се! – порачуваат од ГРК Охрид.
Продажбата на карти за натпреварот ГРК Охрид – РК Вардар 1961, ќе почне утре, четврток од 11 часот на билетарата на спортската сала „Билјанини извори“.
Натпреварот Охрид – Вардар се игра во сабота, 9 мај со почеток во 18 часот.
Г.М.















