Охридските “бели“ предводени од тандемот Димоски – Пројков ја забележаа втората победа на домашен терен со 3-1 над Напредок. “Рибарите“  преку Пројков во 11-та минута го отворија резултатот, на 2-0 зголеми Димоски во 32-та минута додека потег на натпреварот беше третиот гол на Охрид кој го постигна Димоски откако маестрелен удар го матираше голманот на Напредок, Зердески донесувајќи водство од 3-0. Конечниот резултат на мечот го постави нововлезениот Главески во 78-та минута.


“Рибарите“ на самиот почеток на мечот со агресивната игра и борбеноста најавија дека атакуваат на целиот плен. Првата прилика за погодок ја имаше Охрид, капитенот Ѓорески се проби по левата страна остро нафрли, но Степаноски во последен момент расчисти пред Каланоски. Почетната иницијата се исплати во 11 минута, Димоски во соло продор нанижа неколку фудбалери од одбраната на Напредок, несебично го проигра Пројков кој со прецизен удар во десниот горен агол го совлада Зердески за водство од 1-0.

Охрид во 30-та минута го дуплираше водството преку расположениот Христијан Димоски. Длабочинска топка по кој Пројков и голманот на кичевчани Зердески се судрија, топката се одби во поле на неа натрча Алими,  а Степаноски спаси од гол линијата, одбиената му “падна на волеј“ на Димоски кој ја затресе празната мрежа.


Вториот погодок во мрежата на Зердески внесе нервоза во екипата на Напредок, Симјаноски без топка намерно го удри Ѓорески кој падна како покосен. Тоа се случуваше пред очите на четвриот судија Шулески кој му сугерираше на Спиркоски, а прилепчанецот оправдано му додели директен црвен картон и го испрати во соблекувалните.


Се играше последната минута од првиот дел, избраниците на Антќ играа како по ноти, Димоски со вториот погодок трет за Охрид зголеми на 3-0 откако на  “мајсторски“ начин ја пласираше топката во голот на Зердески по додавањето на српскиот интернационалец Брадоњиќ.


Двајцата тренери на полувремето направија серија измени, а според очекувањата темпото на игра драстично опадна. Напредок го искористи опуштањето на домаќините и створија неколку шанси да го загрозат сигурниот Костуранов.  Избраниците на Бочески во 78-та минута го намалија резултатот на 3-1, благодарение на  “џокерот“ Главески кој го искористи киксот на одбраната. На примениот погодок стратегот на Охрид, србинот Драган Антиќ реагираше бурно кон своите фудбалери шутирајќи а својот бес го искажа кон кофата за вода,  солидниот Спиркоски, повторно на интервенција на Шулески го испрати на трибините.

Охриѓани со триумфот ја продолжија серијата од пет натпревари без пораз, освојувајќи 11 бодови од можни 15. Во 12-та рунда на СРЦ “ Атина Бојаџи“, наредниот викенд Охрид ја пречекува  Ренова.

Михаил Постоловски