Фудбалерите на Охрид извојуваа минимален триумф на домашен терен совладувајќи го Тетекс со 1-0 (0-0) во последната рунда од првиот круг во Втората македонска фудбалска лига-запад.

Човек на одлука беше Ајрадин Цуцули кој голот за победа го постигна од белата точка во 62-та минута од натпреварот. „Рибарите“ со триумфот над Тетекс ставија точка на серијата од два порази и стигнаа до 12-от бод на табелата во второлигашката конкуренција. За избраниците на Драган Бочески ова беше втор триумф со резултат 1-0. Претходно со ваков резултат славеа во дуелот со Вардар Форино.

Првите 45 минути беа содржајни и понудија допадлив фудбал, без разлика што заврши без голови. Двете воведни шанси ги имаше Охрид преку Александар Целески кој не успеа да го совлада гостинскиот голман. Тетекс се ослободи од притисокот и се закани. Најпрво Цуцули расчисти од срцето на казнетиот простор, а ударот на Пановски заврши покрај голот. Во финишот Охрид го притисна Тетекс, но не најде начин да го загрози голот и да го отвори резултатот.

На стартот од вториот дел Охрид уфрли брзина погоре и ги зголеми нападите кон противничкиот гол. Иницијативата не вроди со погодок на почетокот, но Охрид покажа желба и волја за игра. Наградата за играта со срце стигна во 62-та минута кога Бакулески беше соборен во казнетиот простор, а главниот судија Трпчевски покажа на белата точка. Сигурен егзекутор беше Цуцули кој го надмудри противничкиот голман.

Водечкиот погодок на охриѓани им даде крилја. Шанса за „затворање“ на натпреварот имаше Един Мерсовски кој не реализираше ситуација очи в очи со гостинскиот голман. Потоа следуваше прилика и на Дишлиевски, но неговиот удар од блокот заврши во корнер.

„Рибарите“ го положија тестот за храброст во последните десет минути кога останаа со фудбалер помалку. Втор жолт доби Ромео Кочоски. Тетекс ја презеде иницијативата, но не успеа да се закани посериозно за изедначувачки погодок. Најдобрата шанса ја имаа во финишот кога „во леј“ ударот на Кристијан Ристовски заврши покрај голот.

Охридските „сино бели“ во 10-та рунда на домашен терен го пречекуваат лидерот на табелата Гостивар.

Охрид: Симоновски, Новичиќ, Цуцули, Трпески, Вељаноски, Маркоски, Кочоски, Бакулески (85` Ристески), Реџепи, Наумовски (46` Дишлиевски), Целески (59` Мерсовски)

Тетекс: Тимевски, Николовски (85` Симјаноски), Зеќири, Салији, Здравковски, Јордановски, Пановски, Чалафи (69` Димовски), Ристовски, Чилафи, Пеев

Мх.П.