Охридските фудбалери ги освоија трите бодови во локалната пресметка со Кораб, победувајќи со 2-0 (1-0), во првата рунда од пролетната полусезона, во Втората македонска фудбалска лига-запад.

„Рибарите“ со осмиот триумф на деветтиот натпревар на СРЦ „Билјанини Извори“ најавија жестока битка за втората позиција на табелата во Втората МФЛ, која води во баражот за влез во Првата лига.

Првиот дел не изобилуваше со премногу „чисти“ шанси и играта се одвиваше на средината од теренот.

После почетното испитување на силите, Охрид преку прекини имаше прилики но гостинската одбрана, предводена од голманот Незири добро се справуваше. Во 24-та минута, „рибарите“ го начнаа противникот и поведоа со 1-0. Дефанзивецот Ајрадин Цуцули од бела точка стрелаше прецизно, надмудрувајќи го Незири. Казнетиот удар го изнуди Наум Вељаноски, кој претходно добро повлече контра напад.

Пет минути после водечкиот погодок, Охрид имаше нова прилика. Реџепи прво го издржа дуелот со гостинскиот дефанзивец, од косо биеше, но Незири со мала доза на среќа ја скроти топката, која излезе во корнер. Во продолжението од првото полувреме Кораб имаше блага иницијатива, но без посериозни прилики за погодок.

Во првата минута од второто полувреме, Митев имаше прилика за дуплирање на водството, но офанзивецот пред да упати удар го изгуби чекорот и млако по земја биеше во добро поставениот Незири. И втората прилика во второто полувреме му припадна на Митев. Најновото засилување на Охрид не успеа да го надмудри голманот Незери, кој повторно излезе поуспешен со охридскиот фудбалер

„Рибарите“ продолжија со офанзивната игра, која им пружи простор за шанси, но и задржување на водството. Нова прилика за погодок имаше Аде Мазари, кој во ситуацијата „очи в очи“ биеше над голот.

Доминатната игра во локалната пресметка охриѓани со втор погодок ја капитализираа во 67-та минута преку Реџепи. Голманот на Охрид Симоновски упати долга топка до Реџепи, кој му избега на директниот чувар и ја погоди мрежата за 2-0.

Кораб веднаш после примениот погодок имаше шанса да се врати во игра, но Симоновски покажа дека е максимално сконцетриран и го скроти ударот на Колеци.

Во последните десеттина минути Охрид ја „легна“ топката и со сигурна игра на целиот терен го спроведе мечот во мирна завршница.

Избраниците на Драган Бочески во последниот натпревар од вториот круг силите ќе ги одмерат со Тетекс.

  • Состави: 

Охрид: Симоновски, Вељаноски, Цуцули, Трпески, Лекоски, Ѓорѓиески (78` Алији), Петрушевски (75` Маркоски), Митев, Реџепи, Наумовски, Дишлиевски (62` Мазари)

Кораб: Незири, Зеќири, Дани, Муча, Колеци (78` Амбари), Мена (58` Халими), Бекири, Алиу, Садики, Илиески, Леши

Мх.П.