Напаѓачот на германскиот фудбалски шампион минхенски Баерн, 31-годишниот Франк Рибери, во разговор за германскиот спортски весник Kicker објави дека повеќе нема да настапува за репрезентацијата на Франција.

„Заклучив дека е време за повлекување од репрезентацијата. Сакам да му се посветам на семејството и целосно да се концентрирам на обврските во Баерн. Во репрезентацијата треба да се отвори простор за многу млади играчи“, вели Рибери.

Рибери поради пореда го пропушти годинешново Светско првенство во Бразил, на кое Франција стигна до четвртфиналето во кое беше поразена од подоцна шампионот Германија. За Франција Рибери одигра вкупно 81 меч и постигна 16 голови.

Руни е нов капитен на Манчестер Јунајтед

Вејн Руни ќе го наследи Немања Видиќ на функцијата капитен на Манчестер Јунајтед, објави менаџерот на клубот Луј ван Гал. Заменик на Руни ќе биде капитенот на шкотската репрезентација, Дарен Флечер. Изборот на Руни беше очекуван, бидејќи тој по стаж е најдолго во тимот од сегашните играчи и е природен лидер на екипата.

Капитенската лента има голем престиж во англискиот фудал, а клубовите внимателно одбираат кому ќе му ја доделат. Во претходните 30 години капитени на Јунајтед беа Брајан Робсон, Стив Брус, Ерик Кантона, Рој Кин, Гери Невил и Немања Видиќ.

Вејн Руни во октомви ќе полни 29 години, а неколку недели претходно ќе прослави цела деценија на Олд Трафорд. За тоа време одиграл 442 меча и дал 216 голови и е многу веројатно дека во наредниот период ќе го собори клупскиот рекорд на сер Боби Чарлтон (249).

Руни е најсериозен кандидат и за местото капитен на англиската репрезентација, по повлекувањето на Стивен Џерард.

“макфакс“