Бројни охриѓани и гости денес, присуствуваа на културно- уметничката програма за одбележување на Денот на рибарите. Со чаша вино уживаа во звуците на староградските рефрени, а имаа можност да вкусат и од рибната чорба која ја спонзорира хотел- ресторан Тино, а по четврти пат ја подготвија учениците и наставничкиот кадар од средното угостителско училиште „ Ванчо Питошески“.
– Во подготовката учествуваа околу 15 ученици и професори од училиштето. Се подготвуваше во просториите од училиштето, рецептот е добар и затоа не го менуваме. Годинава подготвивме 1600 литри чорба, од 400 килограми лосос, изјави Блаже Јорданоски наставник по готварство во „ Ванчо Питошески“.
Учениците изјавија дека за нив е предизвик да се дел од подготовката на толкава количина чорба и дека се сигурни дека ова искуство ќе го применат и наредните години, како и во рамки на својата идна професија.
Дел од рибната чорба ќе им биде доставен и на граѓаните кои денес немаа можност да присуствуваат на настанот.
– Волонтерите на Црвен крст ќе достават одредена количина чорба и до пациентите кои денес не можеа да се тука, до здруженијата на лица со хендикеп , до детските градинки, а поголема количина ќе се достави и до домовите на социјално загрозените граѓани и лицата кои живеат сами, информира претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков.
За веселата атмосфера придонесе и настапот на музичките групи кои изведуваа староградски песни.
Т.К.




















