При вршење на акција спроведена од овластени лица на ПАСТРМКА 2012 д.о.о.е.л од Охрид во координација со Државниот инспекторат за земјоделство – одделение за инспекциски надзор од областа на рибарството со аквакултурата со седиште во Охрид, деновиве, на потегот кај с.Радожда во близина на месноста КЛЕЈНЦИ од водите на Охридско Езеро запленети биле 4 мрежи за лов на охридска пастрмка.
При вадење на мрежите од водите на Охридско Езеро на овластените лица на ПАСТРМКА 2012 д.о.о.е.л упатени им биле закани од сопствениците на рибарските мрежи истите да не се вадат од езерото. При пристигнување на брегот во с.Радожда после вадењето на мрежите од водите на езерото овластените лица од концесионерот физички биле нападнати од две лица од с.Радожда – сопственици на извадените рибарските мрежи. При тоа на еден од лиценцираните рибари му биле нанесени телесни повреди за што на истиот му била укажана соодветна медицинска помош во специјалната болница за ортопедија и трауматологија “Св.Еразмо” од Охрид, и. нформираат од Државниот инспекторат.
Риболовниот алат – мрежи кој служи за лов на пастрмка е предаден на Државниот инспекторат за земјоделство – одделение за инспекциски надзор од областа на рибарството со аквакултурата со седиште во Охрид од каде по комплетирање на предметите ќе бидат поднесени соодветни пријави против сторителите на делото.
Државниот инспекторат за земјоделство најавува дека за време на претстојниот мрест на охридската пастрмка заедно со концесионерот ПАСТРМКА 2012 д.о.о.е.л ќе ги интензивира надзорите и контролите во врска доследно спроведување на Законот за рибарство и аквакултура и подзаконските акти кои произлегуваат од истиот.