Од министерството за труд и социјална политика информираат дека во наредниот период ќе се засилат контролите на надлежните инспекции затоа што биле откриени непочитувања на законот за исплата на минимална плата.

Дел од работодавачите им плаќале  на работниците за скратено работно време иако работеле полно, и ги  терале да им дадат овластувања да ја повлечат нивната плата и потоа да им исплатат пониски од законски предвидените.

–    Изминатиот период дојдовме до сознанија дека во приватниот сектор работниците им даваат овластувања на работодавачите да ја повлечат платата и да им исплатат пониска од законската. Тоа е злоупотреба на работникот и е незаконски.  Ова е исклучитено непопуларна појава за која досега нема доставени дојави или пријави до Инспекторатот за труд, но факт е дека проблемот постои, изјави денес министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.

Тој информира дека Инспекторатот за труд направил акциски план за вршење контроли за обврзниците кои имаат вработено работници на скратено време за да утврдат дали тие навистина работат со неполно работно време или пак овој институт се користи за да се избегне исплатата на минималната плата.

Министерот со апел до работодавачите да не се доведуваат во искушение и да не се обидуваат да ги изиграат законите бидејќи последиците за нив како правни субјекти можат да бидат долгорочни. Ристовски ги повика сите работници кои имаат сознанија за вакви неправилности или пак се лично засегнати од нив да пријават во Министерството на бројот 15 131 или во Управата за јавни приходи на 198.  Најави дека ќе се постапува по секоја пријава, а пријавувачот може да остане анонимен.

Во Македонија минималната плата изнесува 8.050 денари.

OhridNews