Во опуштена атмосфера, полна со љубезност и куртоазни насмевки, мина вечерата на кандидатите за градоначалник на Охрид и американскиот амбасадор во земјава, Филип Рикер, што синоќа се одржа во х. „Инекс“. Честеше Рикер, кој од прва рака сакаше да ги чуе размислувањата на потенцијалните градски татковци.

Рикер на кандидатите за градоначалници на Охрид им ја пренел пораката на американскиот претседател Барак Обама и на државниот секретар Хилари Клинтон за важноста на претстојните избори. Истата порака тој им ја пренесе и на кандидатите за градоначалник на Струга и Дебар со кои се сретна исто така вчера.

– На средбата со градоначалниците и претседателите на Општинските изборни комисии беше нагласена потребата од позитивна кампања, која ќе се базира врз самите кандидати, нивните карактерни посебности и политики, а не врз уцени, закани и заплашувања, истакна амбасадорот додавајќи дека престојните избори ќе бидат внимателно следени од меѓународната заедница, ЕУ и секако од САД.

Рикер ја повтори важноста од спроведување фер и демократски избори, но и предизборна кампања, во која „кандидатите и партиите ќе се однесуваат на начин што ќе овозможи успешни избори, какви што Македонија има капацитет да спроведе“.

На вечерата во х. Инекс присуствуваа сите шестмина кандидати за градоначалник на Охрид: Васфи Доко, Боро Павлоски, Кирил Трендафилов – Нанче, Томе Гиноски, Александар Петрески и Ацо Попоски.











