Кампањата за вториот круг од трката за градоначалничката фотелја во Охрид во која единствените играчи се актуелниот градоначалник Александар Петрески од СДСМ и Кирил Трендафилов-Нанче од ВМРО ДПМНЕ е во полн ек.

Кампањата покрај изборните програми и промоција на проекти, изобилува со жестоки меѓусебни обвинувања. Охриѓани засега немаа можност да ги видат на медиумски дуел двајцата кандидати, но сепак, тие по се изгледа ќе седнат на заедничка маса в понеделник.

„Ohridnews“ дознава дека американскиот амбасадор во Република Македонија, Филип Рикер, ќе организира заеднички ручек за градоначалничките кандидати од Охрид и Струга и со членовите на општинските изборни комисии. Ручекот е планиран во понеделник во еден од елитните охридски ресторани.

Рикер се сретна со кандидатите за градоначалник на Охрид и во првиот круг. Тој тогаш организираше вечера во х. „Инекс“. Американскиот амбасадор имаше повеќе средби со кандидати за градоначалник во општини во кои се водеше жестока изборна кампања, како што беше Струмица. Превентивно тој тогаш се сретна со Заев и Бонева, а претходно тоа го направи и евроамбасадорот Фуере. Сега фокусот на странските дипломати е свртен кон Охрид и Струга каде исто така се очекува жестока изборна кампања во вториот круг.

Ohridnews