Македонија и Грција да го искористат моментумот и да најдат заедничко решение за спорот со името, порача заменик помошник на државниот секретар на САД задолжен за европски и евроазиски прашања, Филип Рикер, по средбата со македонскиот државен врв. Рикер истакна дека за последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц потребно е да се отвори поширока дебата во која ќе биде вклучена и јавноста.

-Потребен е дијалог, но не само меѓу лидерите туку и меѓу јавноста, луѓето да разберат кои прашања се важни. Ова не е прашање на прифаќање или неприфаќање, туку прашање на ангажман врз основа на нешто што Нимиц може да го понуди во преговорите, што е потребно во секој случај. Тоа е ист концепт како со Косово и Србија. По прифаќањето на основниот начин како да се продолжи понатаму, тие направија договор со помош на меѓународната заедница и почнаа да го имплементираат, изјави Рикер, пренесува „Телма“.

Рикер денеска оствари средба со претседателот Ѓорѓе Иванов и со премиерот  Никола Груевски.


На средбата во Владата соговорниците го истакнаа задоволството од континуираното унапредување на пријателските односи и интензивната соработка помеѓу двете држави на секое ниво од взаемен интерес. Се разговараше и за евроатланската и европската интеграција на Република Македонија. Беа истакнати чекорите кои се преземаат во повеќе сфери за унапредување на процесите и стандардите, со осврт на унапредување на политичкиот дијалог во земјата. Се изрази посветеноста и одговорниот пристап за надминување на предизвиците на надворешно политички план.-соопшти владината прес служба.

Соговорниците размениле мислења за регионалните случувања, настани, предизвици и перспективи, и оцениле дека сите субјекти во регионот треба да дејствуваат во интерес на засилување на регионалната соработка и обезбедување на стабилизација, напредок и развој на Југоисточна Европа.

OhridNews