Ненавремениот увид во избирачките списоци, влијанието и притисоците од политичките партии врз гласачите и членовите на избирачките одбори, притисоците и манипулациите кои се вршат врз гласачите од ромска националност, се само дел од најчестите пропусти утврдени во текот на изминатите изборни процеси. Иако детектирани, претседателот на Државната изборна комисија, Никола Рилкоски не е оптимист дека тие во целост ќе бидат отстранети во однос на претстојните парламентарни избори кои ќе се одржат наредната година.
– Еден дел од пропустите ќе се отстранат со додатни обуки, договарања, но дел од нив тешко, особено во оној дел каде партиите имаат задача да делуваат кај граѓаните. Зависи дали партиите сакаат или не да ја тераат работата онака како што треба со цел да се запази демократијата и законот. Тука ниту ДИК, ниту други органи можат да имаат особен придонес, вели актуелниот претседател на ДИК.
Според дополнувањето на изборниот законик, Државната изборна комисија во сегашниот состав ќе функционира до крајот на овој месец. Наместо седум члена, идниот состав на ДИК ќе брои девет членови. По три предложени од страна на политичките партии и три неутрални членови- експерти . Дали Рилкоски ќе биде дел од новиот состав на ДИК, времето ќе покаже.
– Претседателот и потпретседателот ќе бидат избрани од предложените тројца неутрални членови на комисијата. Од денес ќе почне рокот од 8 дена за пријавување. Јас евентуално ќе бидам меѓу предлозите од политичките партии, така да одлуките и решенијата во наредниот период ќе се носат во консултација со политичката партија, нагласува Рилкоски.
Како позитивни измени и дополнувања на изборниот законик, Рилкоски ги наведува измените при изборот на пратеници од дијаспората, како и новината при гласањето, односно тоа што идентификацијата на гласачите на денот на изборите ќе се врши и преку нивна фотографија во избирачките списоци.
Рилкоски вели дека, водејќи се од искуствата од минатите изборни процеси, не е оптимист дека наредните избори ќе поминат во фер и демократска атмосфера. Верба има единствено во меѓународната заедница, како што потенцира, со чија помош Македонија би можела да се приближи кон спроведувањето на фер и демократски избори.
Т. К.