Државната изборна комисија е подготвена за одржување на претседателските избори, како и за евентуално одржување предвремени парламентарни избори, изјави за МИА денеска претседателот на Комисијата Никола Рилкоски, пренесува „Телма“. Според него, се поизвесно е одржување на предвремени парламентарни избори.

– ДИК ќе почека официјално да добие решение за распишување на изборите и можеби уште веднаш, а најдоцна во недела ќе одржие седница на која што ќе ги верифицираме одлуките што се однесуваат на подготовките и носењето на актите кои се во врска со одржувањето на изборите, како што се роковникот за работење, финансискиот план итн. Во секој случај ДИК уште во претходниот период се подготвуваше и мислам дека спремни ќе го дочекаме стартот на овие избори, изјави Рилкоски.

Според сознанијата на првиот човек на ДИК се поизвесно е одржување предвремени парламентарни избори, а ДИК се подготвува и за тој момент.

– Доколку биде така, а според моите сознанија се поизвесно е дека ќе се одржат предвремени парламентарни избори ние и за тој момент се подготвувавме. Ако предвремените парламентарни избори се одржат во вториот круг од претседателските ќе имаме едно мало пореметување во однос на роковите, меѓутоа и тој дел од работењето мислам дека веќе го имаме избалансирано и ќе бидеме подготвени да одговориме на сите наши обврски, изјави Рилкоски.

Во тој случај еден од најголемите проблеми би било одржувањето на молкот.

– Постои таква можност, но мислам дека ќе го пребродиме и тој дел и ќе најдеме решение и за тоа. Тоа всушност е навистина најгорливото прашање, за едните завршува молкот, а за другите почнува кампањата, рече Рилкоски.

За избирачкиот список Рилкоски вели дека тој се прочистува, но и оти не може да каже дека е среден и колку е среден имајќи предвид дека ДИК се уште не ја презела надлежноста за него.

– Во тој дел имаме направено еден чекор понапред. На една од последните седници на ДИК донесовме заклучок и побаравме од Владата да ни овозможи целокупна изработка на избирачкиот список, дека сме спремни да ја преземеме и со вработените и со техничко-технолошкиот дел, односно софтверот, програмата итн. Прашање е сега Владата како и кога ќе одговори, изјави претседателот на ДИК Никола Рилкоски.

OhridNews