Вкупно 25 инспекциски надзори се спроведени во јануари кај трговци во Охрид и изречени се санкции кај два субјекта (глоба според Закон за трговија) вели раководителот на Државниот пазарен инспекторат – Одделение за инспекциски надзор Охрид, Цветко Ристески. Потенцира дека при контролите забележано е намалување на цените на лебот, млекото и сончогледовото масло.

Во месец јануари 2023 година забележано е намалување на цените на производите: леб бел од 500 грама од 45 на 42 и 41 денар, млеко трајно од 1 литар од 71 на 69 денари и сончогледово масло за јадење од 1 литар од 136 на 105 денари. Овие намалувања се резултат на намалените трошоци кај производителите по основ на субвенционирана електрична енергија. За одбележување е и фактот дека намалувањето на цените е по основ на споредба на цени од октомври 2022 година кога се донесени мерките за субвенционирана електрична енергија на производителите на прехранбени производи, а не се однесува на цените кои биле пред 01.03.2022 година, вели Ристески.

Од стапувањето на сила на одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки (највисоки трговски маржи) донесена од Владата на РСМ почнувајќи од 01.03.2022 година континуирано се вршат инспекциски надзори над економските оператори.

При тоа во периодот од 01.03.2022 до 31.12.2022 година извршени се вкупно 234 инспекциски надзори во објекти во кои се врши трговија на мало и трговија на големо. Со овие инспекциски надзори констатирани се неправилности по основ на непочитување на одлуката на Владата за посебни услови во трговијата во триесет и три случаи при што се издадени прекршочни платни налози врз основа на Законот за трговија и тоа за правното лице и одговорното лице во правното лице во висина определана со закон според големината на субјектот (микро, мал, среден или голем трговец), вели Ристески.

ДПИ, додава, продолжува со инспекциски надзори по одлуката се додека истата е во сила односно до 30 април 2023 година.

Н.С.Ј.