Брилијантната партија на голманот на македонската репрезентација Борко
Ристовски на мечот против Полска не остана незабележана ниту од луѓето
ЕХФ кои на официјалната интернет страница објавија
интервју со Ристовски.

Интервјуто е објавено како ударна вест на страницата, а Ристовски е
претставен како карпа којашто стоела на голот на Македонија во победата
на Полска, при што се истакнува дека нашиот голман и натаму сонува за
полуфиналето и со одушевување зборува за поддршката на навивачите.

„Очекувам на натпреварот Македонија – Србија на трибините да има повеќе
од 10 илјади гледачи, од кои повеќе од половината ќе бидат Македонци“,
изјави Ристовски.

Истакнувајќи дека на овој меч може на Македонија да и’ се отвори патот
кон полуфиналето, Ристовски посакува среќата да биде на страната на
Македонија и во претходните два меча што се играат во нашата група
истиот ден, од чиј исход и ќе зависи дали Македонија воопшто ќе добие
можност да го оствари сонот.

Запрашан што за Македонија би значело учество во полуфиналето, Ристовски
за сајтот на ЕХФ појаснува дека Македонија е мала држава со само два
милиона жители и дека има многу помалку ракометари од, на пример, Полска
или Данска.

„Ние даваме 100 отсто можностите на секој натпревар за нашите гледачи и
за нашата држава. Влезот во полуфинале би бил најголем успех досега и би
ја сторил нашата мала држава да биде позната и горда“, изјави
Ристовски.

На прашањето колку ја слуша и ја гледа поддршката на неколкуилјадните
фанови, Ристовски вели „Станува збор за голема поддршка. Пред
натпреварот гледаме наоколу на трибините и високо сме мотивирани од
навивачите. За време на мечот целосно сме фокусирани на играта, но сепак
ја апсорбираме атмосферата. Што се однесува до мене лично, јас сакам
секој успешна одбрана да ја споделам со симпатизерите“.

Македонскиот голман со скромност ја прифаќа констатацијата на ЕХФ дека
бил „меч винер“, односно дека токму тој ја донел победата против Полска.

„Јас никогаш не размислувам за тоа. Нашата одбрана беше силна и
навистина е лесно за голман во таква ситуација да ги покаже своите
перформанси. Ние немаме „меч винери“, ние сме тим, и тоа е многу важно“,
смета Ристовски.

“Макфакс“
Ohridnews