Одобрените и дистрибуирани учебници од страна на надлежните институции и органи се базичен наставен материјал и сосема доволен за реализација на воспитно-образовниот процес на секој ученик, изјави денес министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
Ова појаснување министерот Ристовски, го аде по информациите дека во некои училишта од родителите се бара да обезбедат дополнителни материјали за учениците и стручна литература, точно прецизирана од кои автори и издавачи, под изговор дека истите се неопходни во процесот на образование на децата. Тој нагласи дека ваквата практика е недозволива и е спротивна на законските одредби.
– Паричните казни за овие и слични законски прекршувања се високи. На пример, глоба во износ од три до пет илјади евра во денарска противвредност, ќе му биде изречена за прекршок на основното, односно средното училиште, доколку дозволи продажба на стручна литература и детски списанија, додека глобата за одговорното лице за истиот прекршок е од 1.500 до 2.500 евра во денарска противвредност. Натаму, глоба во износ од 10.000 до 5.000 евра во денарска противвредност, ќе му биде изречена за прекршок на основното, односно средното училиште, ако употреби учебници кои не се одобрени од националната комисија за учебници, а глобата по овој основ за одговорното лице во правното лице е од 5.000 до 7.500 евра”, прецизираше министерот Ристовски.
Информираше дека просветните инспектори се постојано на терен и вршат редовни, но и вонредни инспекциски надзори, по претставки од граѓани.
OhridNews