На петте државни униврзитети оваа учебна година има вкупно 25.624 слободни места за идните бруцоши. Од нив, 15.063 се за редовните студенти во државна квота, 7.411 за редовни студенти со кофинансирање и 3.150 слободни места се за вонредните студенти, изјави на денешната прес конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски. Ристовски апелираше до идните студенти, при изборот на факултетот, да се одлучат за некоја од струките која е дефицитарна на пазарот на труд и за која има интерес од странските компании кои во се поголем број отвораат  претставништва во Република Македонија.

 

– Избор на видот на образованието е индивидуално право на секој поединец, во зависност од неговите убедувања и афинитети. Но, секогаш при носењето на одлуката во предвид треба да се има и можноста за обезбедувањето на соодветен работен ангажман по формализацијата на образовниот процес, односно во предвид да се има реалната потреба од таков образовен профил на пазарот на трудот. Затоа упатувам апел до идните студенти, сериозно да размислат на кој факултет и на која студиска програма ќе го продолжат своето образование, а посебно да обрнат внимание на студиските програми кои се нудат за студирање на техничките и природно-математичките факултети во земјава. Профилот на студенти кои завршуваат на овие факултети во моментов е дефицитарен на пазарот на трудот, а станува збор за струки коишто се актуелни и барани од компаниите кои веќе работат или ќе почнат да работат во земјата“, истакна Ристовски.
 
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има вкупно 10351 слободно место, од кои 6122 за редовните студенти во државна квота, 3154 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 1075 за вонредни студенти.     

                   
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има вкупно 4160 слободни места, од кои 2520 за редовните студенти во државна квота, 1110 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 530 за вонредни студенти.  

                       
На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид има вкупно 400 слободни места, од кои 200 за редовните студенти во државна квота, 100 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студии и 100 за вонредни студенти.

Првиот уписен рок на овие три универзитети е на 15 и 16 август, вториот уписен рок е на 3 и 4 септември и третиот е на 17 септември 2013 година.
Согласно одлуката на Владата на Република Македонија, лицата кои ќе се запишат како редовни студенти и ќе влезат во државната квота ќе плаќаат 200 евра годишно, во денарска противвредност, а студентите кои ќе се запишат како редовни студенти во квотата со кофинансирање, како и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра годишно, во денарска противвредност, освен ако од страна на самите факултети не е назначено да плаќаат помалку. Студентите пак, кои ќе се запишат на дисперзираните студиски програми на сите јавни високообразовни установи во Република Македонија, ќе плаќаат 100 евра годишно .

 

OhridNews