Ракометниот клуб Охрид 2011, кој е домаќин и организатор на мечот од националниот Куп против Струга Илинден, побара од СВР Охрид дополнително обезбедување. Охриѓани сакаат предвреме да се заштитат од несакани последици, и мечот да биде запаметен по добрата игра и фер навивањето, а не по девијатните појави кои го демнат нашиот спорт.


Порадите ривалитетот на навивачките групи, поранешните искуства и жестоките дискусии на социјалните мрежи, РК Охрид 2011 официјално ова дерби го пријави во Министерството за внатрешни работи  – Охрид,  како натпревар од висок ризик за кој се побара да присуствуваат поголем број на претставници на МВР – велат од клубот. 

Исто така од клубот испратија апел до навивачките групи мечот в сабота да мине во спортска атмосфера.

– Апелираме до навивачките групи за конструктивно навивање, без навреди и говор на омраза, како и да не се прави материјална штета на спортскиот обејкт – потенцираа охриѓани.


СВР Охрид досега неколку пати организираше средби под мотото “Стоп за насилството во спортот“  со охридските спортски клубови, како и преставници на невладиниот сектор во Охрид. На тие  средби клубовите беа запознаени со законските одредби и обврските на спортските клубови и организаторите на спортските натпревари и манифестации.

М.П.