Единствена причина за укинувањето на ефтината дневна тарифа во периодот од 13:00 до 16:00 за секој ден, освен недела, е да се намалат трошоците за увоз на електрична енергија, информираат од Регулаторната комисија за енергетика, пренесува„Макфакс“.
РКЕ, како што појаснува во соопштението, со укинувањето на ефтината тарифа настојува да ги наведе потрошувачите повеќе струја да трошат во текот во ноќните часови, кога АД ЕЛЕМ располага со вишоци на електрична енергија.
На овој начин би се избегнал скапиот увоз на струја во текот на денот, чија цена е повисока за 50 отсто од ноќната енергија, а и би се намалиле дополнителните трошоци на ЕЛЕМ, кои изнесуваат од осум до десет отсто заради потиснување на термоелектраните Битола и Осломеј, во случај на вишок на струја во ноќните часови.
„Со оваа мерка се испраќа сигнал до потрошувачите на електрична енергија дел од својата потрошувачка на електрична енергија во текот на денот да ја префрлат во ноќните часови, со што ќе се намалат трошоците за увоз во дневниот период и до максимум ќе се искористат домашните производни капацитети“, велат од РКЕ
Притоа се додава дека со намалени трошоци од 8% до 10%, ќе се намали и цената на електрична енергија на крајните потрошувачи, вклучувајќи ги домаќинства.
„Република Македонија е единствена земја во регионот во која што постоеше евтина тарифа во текот на денот“, се вели во соопштението и се додава дека во некои соседни држави била укината и ефтината тарифа во недела.
Регулаторната комисија уште еднаш потенцира дека цената на електрична енергија за домаќинствата во Македонија е речиси најниска во регионот, како и во Европа.
Укинувањето на евтината тарифа предизвика реакции во јавноста, а политичките партии си разменија меѓусебни обвинувања за поскапувањето на струјата.
Според СДСМ укинувањето на евтината дневна тарифа претставува скриено поскапување на струјата, со што таа не е поскапе за десет, туку за 20 отсто.
Потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски обвини дека власта, покрај јавно објавеното поскапување на струјата од 10 отсто, приредила уште еден ценовен шок, што се криело до последен час и е објавено без никаква претходна најава.
„Тоа е направено токму во пресрет на празникот „Илинден“, како обид ова дополнително поскапување да помине што е можно помалку забележано во јавноста. Укинувањето на дневната ефтина тарифа на струјата, направено молчешкум, е еден од најподмолните потези што сме ги виделе“, изјави Јовановски.
Според него, станува збор за проѕирен обидот на РКЕ да и помогне на власта, поскапувањата на струјата да ги направи сега за да нема нови до локалните избори во март наредната година.
Возврати ВМРО ДПМНЕ, од каде посочуваат дека кога СДСМ изразува загриженост за цената на електричната енергија треба да се запраша зошто во 2006 година го продаде ЕСМ на австриска ЕВН за евтини пари непосредно пред парламентарните избори.
„Тогаш не само што го ставија во залог социјалниот стандард на граѓаните туку и на ЕВН со купопродажниот договор и овозможија долгогодишни повластици“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Притоа се оценува дека е крајно лицемерно и неодговорно СДСМ да се однесува како душегрижник за стандардот на граѓаните и сиромашните.
„За тоа требаше да размислува во времето на првиот мандат на Црвенковски кога сиромаштијата вртоглаво растеше и кога стотици илјади лица останаа на работ на егзистенцијата поради неговата криминална приватизација“, стои во соопштението.
извор:„Макфакс“