Тренерот на ГРК Охрид Борис Ројевиќ по дерби натпреварот со Алкалоид ги сумира импресиите од мечот во салата „Билјанини извори“ кој по голема борба заврши без победник 27:27. Мислам дека натпреварот беше многу добар и дека токму вакви мечеви му се потребни на македонскиот ракомет, оценува Ројевиќ, со што на некој начин одговори на критиките на селекторот и тренер на Алкалоид, Кирил Лазаров кој изрази загриженост за иднината на македонскиот ракомет поради големата концентрација на странски играчи во клубовите.
Ваквите натпревари го подигнуваат нивото на натпреварување и придонесуваат за развојот на лигата. Важно е да се истакне дека за македонската репрезентација многу важни се македонските играчи, но исто така и квалитетните странски играчи кои го подигнуваат нивото на лигата и придонесуваат за напредокот на македонските репрезентативци. Сметам дека тој баланс е добар за лигата и помага да се постигнуваат подобри европски резултати на клубовите кои ја претставуваат Македонија, смета стратегот на ГРК Охрид.
Според Ројевиќ, Алкалоид не е оштетен, но вели дека е добро стручната комисија да го погледне натпреварот и да го даде своето стручно мислење за јавноста. Така најдобро ќе се види дали имало некои спорни ситуации и дали некој евентуално бил оштетен, дециден е тој.
И честитам на екипата на Алкалоид за добриот и коректен натпревар, како и на моите играчи. Посебно сакам да ги пофалам за второто полувреме, каде што покажаа голема борба и карактер и дадоа сè од себе. Во првото полувреме бевме малку во грч и не го дадовме нашиот максимум, но реакцијата на екипата по паузата беше добра и мислам дека во тој дел од натпреварот бевме поблиску до победата. Одиме понатаму — сега се насочуваме кон следниот предизвик и подготовката за натпреварот против Олимпијакос, што е историски момент за нашиот клуб, изјави за Охридњуз тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ.
Г.М.













