Првачиња од две паралелки од основното училиште „Св.Климент Охридски“ од денес нема да посетуваат настава, затоа што нивните одделенски наставници се променети. Родителите, во знак на револт, денес, ги зедоа децата од настава и одржаа собир пред училиштето. Бараат директорката да ги повлече одлуките за престанок на работниот однос на двете учителки, Маја Маленко и Лидија Ристеска и дефектологот-логопед Билјана Аслимоска, кои по завршувањето на договорите на дело, конкурирале на распишаните конкурси за вработување но биле одбиени, а на нивно место ќе бидат вработени други лица.
– Одлуката е спротивна на одлуките на законски пропишаните тела во ова училиште, односно училишниот одбор и советот на родители. Нивната работа е од особено големо значење за ова училиште, затоа што станува збор за големи професионалци поради кои и одлучивме нашите деца да ги запишеме токму во ова училиште. Од директорката бараме да одговори на прашањето-по кој критериум се избрани други наставници, сосема спротивно на веќе донесените одлуки. Бараме од директорката да ги штити пред се нашите интереси и интересите на нашите деца, вели Деспина Блажевска, која зборуваше во име на родителите.
Родителите потенцираат дека ваквите промени предизвикуваат голем стрес кај нивните деца, особено кога станува збор за децата со посебни потреби кои го посетуваат училиштето, а со кои неколку години работи дефектологот Билјана Аслимоска.
– Децата реагираат, не сакаат повеќе да одат на настава, бараат да ги отпишеме од ова училиште, жалосно.
– Презадоволни сме од работата на досегашниот дефектолог- логопед Билјана и сметаме дека не треба да биде сменета и да се изгуби такво стручно лице, особено во ова училиште каде има деца со посебни потреби.
– Во моментот кога дознавме за промените се организиравме, се направи петиција на која се потпишаа сите родители и која ја доставивме до градоначалникот и директорката. Беше кажано дека сите сакаме да се испочитуваат одлуките и да останат истите наставнички и дефектологот, тие се докажани професионалци, не се наоѓа лесно таков кадар. Во интерес на децата е, сред учебна година е, ги прифатија учителките, вакви промени не се добредојдени. Не смеат лични интереси да ги поттиснат интересите на нашите деца на кои им е непходна една стабилна средина, изјавија револтираните родители.
Како што велат тие, за неправилностите, го известиле и просветниот инспекторат и министерот за образование и наука. Додаваат дека нивните деца ќе ја бојкотираат наставата се до исполнување на барањата.
Директорката на училиштето, Наташа Танеска, информира дека својот став околу актуелните случувања ќе го достави во текот на денот.
Т.Кувенџиска

















