Реакции на родители чии деца ги посетуваат охридските градинки во престој со комбиниран оброк, чија цена изнесува 806 денари. Како што тие наведуваат во својот допис, нивното незадоволство е поради покачувањето на цената на 1490 денари, онолку колку што се плаќа за програма со целодневен престој.

Од градинката на своја рака сакаат да ги покачат цените за полудневен престој, а имаме и информација дека за сето ова не е информирано надлежното министерство, се наведува во дописот.

Од ЈОУДГ „ Јасна Ристеска“  категорично наведуваат дека не станува збор за никакво покачување на цената за згрижување, туку за спроведување на законот поради претходни злоупотреби од страна на родителите.

Станува збор за валоризирање на услуга предвидена  во Законот за заштита на децата и Правилникот за утврдување  на цените на услугите што ги дава јавната установа за деца-детска градинка   и износот на надоместокот на трошоците за престој во установа за деца  што паѓа на товар на родителите и правилникот за измена член 1 од 29 Октомври 2004 година. Оваа цена откако е донесена во 2004 година не се менува. Доколку станува збор за престој со комбиниран оброк градинката треба да даде услуга за прием со доручек и ужина. Лицата кои ја користат оваа услуга до 12 часот треба да ги земат децата од градинка, бидејќи услугата ручек за децата од полудневен престој не е предвидена. Родителите чии деца имаат престој со комбиниран оброк, претходно веќе се изјасниле дека ќе ги земаат децата пред ручек, но и покрај тоа голем број од нив не ги земаа,па додека се носат останатите на ручек ние не можеме да ги оставиме тие кои што се со комбиниран оброк да чекаат на врата и затоа им се давал и оброк кој не им следувал, информира директорката на градинката Розе Костеска.

Од страна на градинката побарано е во текот на овој месец родителите да се изјаснат дали во иднина нивните деца ќе имаат целодневен престој во градинката за што ќе плаќаат 1490 денари или пак ќе користат престој со комбиниран оброк што вклучува само доручек и ужина и за тоа ќе плаќаат 806 денари.

Т.Кувенџиска