Родителите на децата со посебни потреби бараат поголема ажурност од институциите. Тие пет месеци кампуваат во Паркот „Жена -борец“, но велат дека ќе се преселат пред министерството за образование, за здравство, и за труд и социјала , ако надлежните не реагираат навреме. Бараат персонални асистенти за децата со посебни потреби, прилагодување на спортските сали, како и стратегија што ќе се случува со децата со посебни потреби, по смртта на родителите.

– Што ќе биде со нашите деца после нашата смрт? Нема никаква стратегија, тоа е страшно, се плашиме секој ден како ќе помине. Децата веќе се остарени, нивните родители се баби и дедовци. Мора да има стратегија што ќе биде со нашите деца и нашите имоти. Ние понудивме што треба да се направи, конечно треба тој закон да се донесе, за мирно да умреме, вели Зоран Мијалков од Иницијативата „Пет до дванаесет“.

Од иницијативата велат дека веќе имале средби со дел од ресорните министерства, но сметаат дека тоа не е доволно.

– Некои од нашите барања се ставија на маса, но не сме задоволни. Нема да прошуштиме уште една учебна година. Се најавија персонални асистенти кои ќе работат со децата, но не се знае моделот, кога тие ќе се обучуваат, кога ќе одат со децата во училиште, еве го 1 септември ќе дојде, додаваат од граѓанската иницијатива.

OhridNews
Макфакс