Охридските книжари деновиве исполнети со родители кои заедно со своите основци купуваат најразновиден училишен прибор, подготвувајќи се за стартот на новата учебна година.

Родителите коментираат дека добар дел од семејниот буџет, секоја година се троши за набавка на се она што му е потребно на нивните деца во училиште.


Во однос на примањата трошоците се големи. Најголем издаток е ранецот за во училиште, па купувањето на моливи, пенкала, работни тетратки, а секако тука мора да се додаде и набавката на опрема за физичко воспитување. Уште потешко е доколку имаш двајца ученика во семејството, тогаш издатоците се дуплираат, велат дел од родителите.

Сепак, тие додаваат дека колку и да чини училишниот прибор тој мора да се набави и дека при тоа не се штеди.

Понудата пак во книжарниците најразновидна. Прибор има за сечиј вкус и џеб.


– Родителите штедат каде мораат, но искуството ги научило колку повеќе штедат на прибор, поскапо ги чини на крајот. За квалитетни гумички, моливи, боички не штедат, можеби повеќе што се однесува при купувањето на тетратките. Во овој период најголема е побарувачката за ранци што воедно е и најголемиот почетен издаток за родителите и ги имаме од различни фирми. Се бара и останатиот училишен прибор, а деновиве хит е гумираниот молив, вели Димитар Саков,  раководител на книжара „Просветно дело“- Охрид
 
 Ранците во охридските книжари се нудат по најразлични цени. Можат да се набават по цени од 450 денари до над 3000, секако во зависност од големината и квалитетот.


Тетратките можат да се набават по цена од 10 до 30 денари, а оние со тврди корици до 80 денари. Цената на моливите е од десет до 20 денари, а над 30 денари моливите од познати брендови. Цената на работните тетратки е иста во сите книжарници и тие се продаваат по цена од 180 до 440 денари.

OhridNews