Иван Трпоски е познат општественик во Сиднеј кој повеќе од три децении активно е вклучен во повеќе македонски организации каде несебично работи за доброто на Македонците во Сиднеј и пошироко. Покрај неговата активност во Литературното друштво „Григор Прличев“ каде е ангажиран како архивар и библиотекар, Трпоски активно бил вклучен во повеќе македонски организации меѓу кои и во Македонскиот просветно-школскиот одбор, одборот за организирање Денови на македонската култура и Охридско-Струшката асоцијација за која активност добил и награда за културни врски од градоначалникот на Охрид во 2008 година. Покрај овие награди Трпоски има добиено и повеќе признанија и награди меѓу кои и „Златно сонце“ за литература и култура, „Иселеничка грамота“ за поетска книга на годината, како и со посебни признанија од националниот Совет на Австралија и Комисијата за етнички работи, а за националниот ден на Австралија градоначалникот од општината Кантебери го назначи како заслужен граѓанин на годината за 2010 год.
Инаку, Иван Трпоски, кој е роден во охридското село Волино, се вбројува како еден од најиздаваните македонски писатели во дијасапората. Тој е автор на десет книги поезија и четири книги со патописи и записи. Покрај членувањето во Литературното друштво „Григор Прличев“ Трпоски исто така членува и во Друштвото на писателите на Македонија, Друштвото на новинарите на Македонија и во Светскиот поетски конгрес.