Родовата нееднаквост сé уште преовладува на пазарот на труд во Македонија, и тоа најчесто на штета на жените, иако во последните децении се преземени значителни напори за нејзино надминување, пренесува „Макфакс“.
До ваков заклучок дошла агенцијата „Реактор-истражување во акција“, која спровела истражување по повод 101 годишнината од одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, 8-ми март 2012.
Фактот дека постои диспропорција меѓу правно загарантираната и реално остварената еднаквост меѓу жената и мажот во Македонија, агенцијата го аргументира со податокот дека помалку од четвртина од работодавците во Македонија се жени, дека само една четвртина од вработените што земаат плата над 40.000 денари се жени и со тоа што од 85 градоначалнички места во Македонија, нема ниту една градоначалничка.
„Овие податоци јасно говорат за тоа дека уште многу треба да се направи за да се елиминираат стереотиповите и директната дискриминација кои постојат во јавната сфера, да се зголеми бројот на жени на раководни функции и да се намали бројот на невработени и неактивни жени“, се укажува во соопштението.
извор: „Макфакс“












