Рокот за поднесување на барања за приватизација на земјиште во државна сопственост истекува на 15 декември 2014 година, информираат од Министерството за финансии, од каде упатуваат апел до граѓаните и фирмите да го проверат статусот на земјиштето кое го користат.

Доколку земјиштето е сопственост на Република Македонија, со запишано право на користење на нивно име, граѓаните треба да поднесат барање за приватизација до подрачното одделение на Управа за имотно-правни работи во општината на чие подрачје се наоѓа земјиштето.

Агенцијата за катастар на недвижности во период од најмногу една година, по истекот на рокот за поднесување на барања за приватизација, ќе ги избрише сите кориснички права кои се евидентирани на градежното земјиште и истовремено ќе ги прибелеши поднесените барања за приватизација, за кои одделенијата на Управата за имотно правни работи ќе ја продолжат постапката за приватизација на земјиштето.

Сите физички и правни лица кои немаат поднесено барање за приватизација, а нема да поднесат ниту до 15.12.2014 година, ќе бидат обврзани да плаќаат закупнина за земјиштето на кое до наведениот рок биле евидентирани како корисници, односно го користеле земјиштето по основ на објект изграден врз истото.

OhridNews