Селекцијата на Романија стои на патот од репрезентацијата на Македонија за ново, вкупно петто учество на ракометниот Мундијал, кој следната година ќе се одржи во Данска и Германија. Романската селекција нема некоја ракометна супер ѕвезда во составот, но го има Чави Пасквал на клупата кој долги години е на чело на Барселона.

– Со оглед какви противници можевме да добиеме селекцијата на Романија ни е противник по мерка. Романската репрезентација има квалитет, но нивниот џокер е на клупата во името на Чави Пасквал. Во никој случај не смее да се потцени Романија и треба да се одигра максимално добро и концетрирано во двата натпревари. – изјави голманот Никола Митрески.

Истото мислење со голманот го дели Гоце Георгиевски кој моментално настапува во романскиот шампионат. – Женскиот ракомет на романците им е појак од машкиот, но со поставувањето на Пасквал за селекторот покажуваат какви намери имаат. Немаат некоја квалитетна селекција, но во бараж натпреварите се е можно и не смее да се влезе ноншалатно без разлика за кој противник се работи. Ако ние играме како што знаеме, мислам дека ќе нема проблем и ќе обезбедиме нов настап на СП. – потенцираше популарниот Џомба.

Македонија во првиот меч Романија ќе пречека во Скопје, а реваншот „црвено жолтите“ ќе го одиграат на гостински терен. Бараж дуелите на програмата ќе се играат во јуни месец.

OhridNews