Фатени се ограбувачите на златарата во центарот на Охрид, дознава OhridNews. Неофицијално се работи за романска група која организирано ограбувала златарници низ Македонија. Кај нив била пронајдена и поголема количина злато.

Информацијата за OhridNews ја потврдија оштетени лица, а МВР на својата службена страница соопшти детали за случајот.

„На 01.03.2016 година во 20.00 часот на ГП Табановце поради сомнение дека извршиле кражба на златара во Охрид приведени се лицата М.Ц., Л.А. (25), М.Ц. (58) и М.Ф. (67), сите од Романија. При преглед кај Л.А. се пронајдени три златни ланчиња, додека при претрес  на нивното ПМВ „Форд“ со германска регистарска ознака пронајден е и останатиот златен накит. Во 21.30 часот со потврда за предавање, лицата и предметите се предадени на инспектори од СВР Куманово за понатамошна постапка.“ – соопшти МВР.

Како што веќе информиравме, вчера попладне, околу 13.20 часот во златара на улица „7- ми ноември“ се случила кражба на златен накит – ланци во вредност од 100.000 денари. Кражбата ја извршиле три лица, од кои две женски и едно машко, кои искористиле згодна прилика да ги украдат ланците, и покрај тоа што продавачката била во продавницата. 

OhridNews