Со сета енергија која ќе ја дадеме на сцената се надеваме дека ќе допреме до публиката и дека ќе направиме таа да биде задоволна. Ова се очекувањата на Дејан Лилиќ и Евгенија Игуменова, кои ги играат главните улоги во тетарскиот спектакал „Ромео и Јулија“, со кој вечерва на Античкиот театар  ќе биде отворено 52. издание на фестивалот „Охридско лето“.

– Нема да гарантирам дека ќе плачат, но знам дека ќе плачат и нема да гарантирам дека ќе се смеат, ама знам дека ќе се смеат и знам дека ќе бидат воодушевени од сето она што ќе го видат таму. Буквално нема да им биде потребен превод, затоа што  се ќе им биде јасно, вели Лилиќ, потенцирајќи дека за него е голема чест што годинава е дел од отварањето на„Охридско лето“ и дека е дел од еден проект кој до сега се нема случено во Македонија.  

-Да се биде Ромео во 2012 година или 21 век е да се дава љубов неизмерно многу и на тој начин и го работевме проектот,со многу жртвување, внесување, рече Лилиќ.

Тој се надева дека овој театарски ораториум ќе биде продукт кој ќе ја промовира Македонија насекаде низ светот.
Неговата Јулија, Евгенија Игумнова која по 15-ти пат настапува на „Охридско лето“, вели дека исчекувањето на премиерата и носи голем немир.

– Ова е мошне голем настан во мојот живот, нешто што можеше и да не се случи и да остане само мечта, еден мој сон. Отсекогаш сметав дека на сцената на Античкиот театар треба да се одигра барем една трагедија, нешто толку големо како овој проект, рече Игуменова.


Селекторот на драмската програма Ѓорѓи Јолевски истакна дека вечерва очекува фантастично свечено отворање на Охридско лето.
-Нашиот актер Дејан Лилиќ и руската актерка Евгенија Игумнова, како Ромео и Јулија ќе не пренесат од Охрид во светот на волшебноста и преку свеченото отворање во светот на бајките, убавините, уметноста, свет што 40 дена ќе ги привлекува вљубениците во уметноста, рече Јолевски.

Овој интеранционален проект кој е  во режија на Дејан Пројковски ги обединува театарот, операта, балетот и музичката уметност. Носител на проектот е Битолскиот народен театар, во копродукција со Македонската опера и Балет и театарот „Вера Комирсажевскаја“ од Санк Петербург – Русија. Во проектот се вклучени и Народниот театар од Охрид и Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид,  а зад целокупната продукција на претставата стои НУ Охридско лето.
На сцената ќе продефилираат минимум 30 актери, 70 музичари, оркестар, хор, 40-на балетски уметници, циркуски акробати, оперски пејачи, а ќе има и забележителни светлосни ефекти.
Е.М