Согласноста од сите земји членки на Унијата останува неопходен услов за Македонија да ги започне преговорите за членство, му порача претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, на македонскиот премиер Никола Груевски, на денешната средба во Брисел.

Од страна на Груевски на Ромпуј му биле презентирани напорите и реформите кои земјата ги прави, во обидите да обезбеди подобра иднина за своите граѓани.

– Средбата со претседателот на Европскиот совет ја договоривме пред околу 10-15 дена и беше на наше барање. Ние сакавме да ги презентираме нашите аргументи во однос на нашиот напредок што го очекуваме во иднина. Зборувавме за реформите што ги правиме во земјата, за она што е постигнато, за проблемите со кои сме се соочувале во минатото и како истите ги решававме. Разговаравме и за оние проблеми што сега ги имаме. Се фокусирав во голем дел на многуте реформи што ги направивме, и во делот на економијата и во делот на судскиот систем и администрацијата, посебно најновиот закон што го имаме во овој дел“, истакна Груевски по средбата.

Премиерот потенцира дека Македонија очекува што побрзо изнаоѓање на начин за да се премине и последната пречка што на земјава и стои пред започнувањето на пристапните  преговори.
 
– Мислам дека господинот Ван Ромпуј директно од нас доби вистинска слика за она што се случува во Македонија оти кај секој политичар овде пристигнуваат различни информации од различни страни. Ценевме дека е добро да ја слушне нашата страна, да му ги презентираме нашите аргументи, тоа го направивме, како во делот на реформите, но и во сите други области што се значајни и за кои тој пројави интерес“, изјави македонскиот премиер.

OhridNews

извор:Макфакс