Првото вистинско дерби на Мундијалот во Русија го одбележа Кристијано Роналдо кој ги постигна трите голови за Португалија во ремито со Шпанија 3-3. Најдобриот фудбалер во светот два пати погодуваше за водство на неговата селекција, а третиот погодок кој беше вистинско ремек дел осигура бод за европските бразилци.

– За мене ова е уште еден личен успех во кариерата, но најважно е што ќе направи Португалија. Мојот перформанс на првиот меч од Мундијалот е плод на долгогодишен тренинг. Луѓето од мојата земја многу веруваат во мене, а јас секогаш го давам најдоброто од мене кога го носам националниот дрес. Нерешениот исход е реален иако и двете селекции покажавме желба за победа. Играмве против фаворит, способен за освојувањето на Светското првенство и два пати имавме водство, а на крајот се изборивме за бод, после негативата. – изјави Роналдо

И покрај фудбалскиот спектакл Роналдо најде смиреност и ја кажа првата цел на Португалија која на Мундијалот допатува како Европски шампион.

– Прва цел на нашата селекција е поминување на групата, а како што можевте да видите денеска тоа воопшто нема да биде лесно. Во среда не очекува важен натпревар против Мароко на кој ни треба победа и ќе пробаме се да стигнеме до неа. – додаде Португалецот.

„Селесао“ дуелот со Мароко го игра в среда со почеток во 14 часот, додека Шпанија ќе се сретне со Иран во истиот ден во 20 часот.

OhridNews