Нико Розберг, возачот на Мерцедес, ќе стартува од пол позицијата на трката за Големата награда на Бахреин.

Германецот до првата пол позиција оваа сезона, втора во кариерата, стигна со време од 1:32.330 минути на патеката Сакир. Веднаш до Розберг, трката од првиот стартен ред ќе ја започне актуелниот светски првак Себастијан Фетел.

Фернандо Алонсо ја освои третата позиција, а Луис Хамилтон четвртата, но Британецот поради промена на менувачот ќе стартува од деветтото место, пренсува „Макфакс“.

Марк Вебер го освои петтото место, но тој ќе стартува од осмата позиција поради казната која ја доби на претходната трка во Кина.

Поради Казните на Хамилтон и Вебер, Фелипе Маса ќе стартува веднаш до Алонсо од вториот стартен ред.

Одлични квалификации имаа возачите на Форс Индија, Пол ди Реста и Адријан Зутил, кои го комплетираа третиот стартен ред, додека место меѓу најдобрите десетмина изборија и Кими Раиконен и Џенсон Батон.

Трката за Големата награда на Бахреин, на патеката Сакир, четврта во шампионатот на Ф1 ќе се вози в недела со почеток во 14 часот.

OhridNews
извор„Макфакс“