Историјата е веќе испишана. Со самиот влез во финале на ЕХФ Европски Куп сметам дека ГРК Охрид направи еден огромен успех. На чекор сме до освојување на трофејот што би бил исклучителен успех за клубот, за градот, за државата и за сите, рече на денешната прес конференција пред реванш натпреварот од финалето на ЕХФ Европскиот куп тренерот на ГРК Охрид Борис Ројевиќ.
Можам да кажам во име на момците дека ќе го оставиме и последниот атом од нашата сила заедно со навивачите. Меѓутоа, кога започна овој Европски куп, Татабања беше апсолутен фаворит. Кога размислувавме за извлекувањето само сакавме Татабања да ни падне што е можно подоцна, бидејќи тие беа буквално апсолутни фаворити. Но, ние имаме добар резултат од Татабања, иако сметам дека требаше да биде и подобар. Имаме резултат каков што имаме, ќе го имаме зад нас целиот град Охрид, што сите го чувствуваме овие денови. Тензијата малку расте и сите со нетрпение чекаме да започне натпреварот, рече Ројевиќ.
Се заблагодари на сите, за како што рече фантастичната сезона, од управата, играчите, целиот стручен штаб, посочувајќи дека успехот е резултат на заедничкиот труд и добрата атмосфера во клубот.
Голманот Кристијан Пилиповиќ посочи дека мора максимално да се концентрираат на нивните задачи и да бидат фокусирани.
Оваа сала и оваа енергија што ја има тука треба да ја искористиме на вистински начин. Да не „изгориме“, туку да бидеме фокусирани и верувам во добар успех. Едвај го чекаме натпреварот. На сите во главите ни е само тоа – да започне мечот, да го дадеме максимумот. Ги повикувам сите навивачи да бидат наш седми играч, да ни дадат ветер во грбот и заедно да се радуваме, рече Пилиповиќ
Татабања, посочи Ројевиќ, оваа сезона сите натпревари ги одигра многу подобро на гостински терен, за што се свесни и тие самите, а и ние треба да сме свесни дека играат порастеретено на гости.
Клучно ќе биде моите момци да се опуштат и да го одиграат најдобриот натпревар што можат. Да не бидат под притисок на освојување, затоа и реков дека веќе направивме многу оваа сезона и историјата е испишана. Сакам да уживаат во ова финале, ова да им биде награда за сè што направија добро оваа сезона. Утре сите заедно со срце, душа, сè за Охрид!, додаде Ројевиќ.
Реваншот е закажан утре со почеток во 20 часот во СРЦ „Билјанини извори“, а ракометарите на ГРК Охрид ќе играат пред полни трибини откако сите билети беа продадени за нецели 15 минути.
OhridNews

















