Младите возачи прават грешки, но грешките нема да бидат трагични и фатални ако се следат советите на Републичкиот совет за безбедност на патиштата. Бидете внимателни и одговорни во сообраќајот и следете ги советите и препораките, порачуваат од РСБСП до младите возачи.

Оттаму, наведуваат дека најчестите грешки кои ги прават младите возачи се брзото возење, возење под одвлечено внимание, склоност кон непотребни ризици.

– Неискусниот млад возач не е во состојба да го процени потребното време и потребниот сопирачки пат за да се запре возилото. Исто така, млад и неискусен возач не е во состојба брзо и ефикасно да препознае опасни ситуации во сообраќајот. Иако рефлексите на младите возачите се остри и ефективни, сепак чувството за вашето толкување на ситуациите и препознавање на потенцијалните опасности во сообраќајот не е толку развиено како кај поискусните возачи. Потребно е време и пракса за да се добие тоа чувство. Затоа особено  важно  е младите возачи да бидат смирени, да ја намалат брзината и максимално да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината, советуваат од РСБСП.

Грешките кои често се прават се однесуваат и на не користењето безбедносен појас.

– Младите возачи спаѓаат во групата возачи кои најмалку користат безбедносен појас. Безбедносните појаси не влијаат на тоа дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода, но имаат големо влијание на тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди. Не ретко, безбедносниот појас е границата помеѓу животот и смртта. Затоа секогаш користете безбедносен појас, е следниот совет до малдите возачи.

Младите возачи се советуваат и да држат безбедно растојание, да не возат додека се уморни, друштвото во автомобилот да не им одвлекува внимание, да не се нестрпливи и да не возат под алкохолш то е еедна од најчестите причини за сообраќајни незгоди.

OhridNews