Безбедното учество во сообраќајот на најмладите е голема одговорност за целото општество, сообраќајната безбедност не е само техничко прашање — тоа е вештина која треба да се учи од најмала возраст, да се практикува и постојано да се потсетува, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).
Посочуваат дека во оваа насока и оваа година, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи ги започнуваат превентивните активности и предавања во училиштата како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Кога децата ги стекнуваат овие навики уште во основно училиште, се гради довербата и основата од која понатаму растат во одговорни учесници во сообраќајот— не само за себе, туку и за другите. Во изминатите пет години (2019–2024), според податоци на МВР, 771 лице го загубиле животот во сообраќајни несреќи, а најчеста причина за несреќи со смртни последици и понатаму се брзото возење, непочитување на првенство на минување, возење во спротивна насока, и управување под дејство на алкохол. Овие бројки не се само статистики – тие се предупредување дека без грижа и дисциплина, секој учесник во сообраќајот може да заврши трагично, посочуваат од РСБСП.
Со оглед на овие сознанија, апелираат до возачите, родителите и децата за зголемена претпазливост и посветеност кон заедничката цел — безбедноста на учесниците, особено најмладите.
Апел до возачите и родителите:
- Пристапувајте со намалена брзина и зголемена претпазливост во зоните на смирен сообраќај (Зона 30 км/час.), особено околу училиштата и образовни институции.
- Почитувајте ја сигнализацијата и пешачките премини, особено во утринските и попладневните часови.
- Никогаш не паркирајте на места што ја попречуваат прегледноста кај пешачките премини.
- Разговарајте со децата за важноста на безбедно движење по улиците и советувајте ги да го поминуваат коловозот само на пешачки премин или надпатник или потпатник, како и да погледнат во двете насоки на сообраќај пред да зачекорат преку пешачкиот премин.
- Научете ги да користат тротоари и да се движат внимателно, особено околу паркирани возила на тротоарите.
„Мини-совети“ до малите пешаци:
Изберете безбедна патека до училиштето – по тротоар, а не покрај коловоз.
Преминете ја улицата само на обележан пешачки премин и, кога го има, кога е активно зеленото човече (светло) на семафорот за пешаци.
Не играјте близу до улицата и паркираните возила.
Никогаш не поминувајте со трчање преку улицата или помеѓу паркираните автомобили.
Доколку некое другарче се однесува неодговорно и ненадејно излегува или игра на коловозот укажете му на грешката која ја прави.
Бидете внимателни во близина на електричните тротинети, велосипеди и мотори, тие може да се движат со голема брзина и постои опасност да Ве повредат при движење.
РСБСП потсетува и апелира дека секое непочитување на правилата носи сериозни ризици.
OhridNews