Сообраќајната култура, етиката, толеранцијата во сообраќајот, сè уште не се на задоволително ниво, велат од РСБСП по повод 11 мај – Ден на културата во сообраќајот. Велат целта на РСБСП е да се изгради еден систем на општествени вредности во кој безбедноста во сообраќајот, културата и етиката во сообраќајот, ќе заземат соодветно и значајно место.

Човечкиот фактор е еден од клучните елементи кои влијаат на нивото на безбедност во сообраќајот. Тука пред сè се мисли на сфаќањата и однесувањето на учесниците во сообраќајот, нивната перцепција за ризикот во сообраќајот, одговорното однесување, совесноста, ставот на учесниците во сообраќајот кон значењето на безбедноста во сообраќајот воопшто и сл., потенцираат во соопштението.

Велат процесот на промена на навиките и културата на однесување во сообраќајот е бавен и тежок, па затоа РСБСП посебно внимание посветува на најмладите со цел уште од мали нозе да се изгради едно повисоко ниво на култура и етика во сообраќајот.

Неопходно е да ги учиме децата на сообраќајна култура од најрана возраст. Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи, а недоволно ги учиме за тоа како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот. Семејството и воспитно-образовните институции имаат важна улога во развивањето на сообраќајната култура на децата. Односот на родителот во сообраќајот, без разлика дали е во улога на пешак или возач на возило во кое се вози и детето, како и почитувањето на сообраќајните правила од страна на возрасните, има големо влијание во развивање на сообраќајната култура на детето како учесник во сообраќајот, додаваат.

РСБСП континуирано реализира превентивно-едукативни кампањи со кои ќе продолжат и во иднина, затоа што од сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот зависи безбедноста во сообраќајот и многу човечки животи. Упатуваат апел „Да ја унапредиме културата во сообраќајот почнувајќи секој од себе и преку личен пример да придонесеме за побезбеден сообраќај“.

OhridNews