Ако во изминатиов период гласно се говореше за испуканите фасадни ѕидови на објектите во градот, граѓаните сега стравуваат од полураспаднатите индивидуални куќи. Почнувајќи од старата охридска чаршија, па се долж улицата „Гоце Делчев“. На овој потег можат да се забележат руинирани објекти, кои изминатиов период претставуваат константна опасност за случајните минувачи. Судејќи по неодамнешните инциденти со дрвата во централното градско подрачје, тежината на снежната покривка и тоа како може да направи штета од големи размери.
Од надлежните инспекциски служби уверуваат дека проблемот ќе се реши скоро. Граѓаните, иако јавно не сакаат да говорат за настанатиот проблем, сепак упатуваат апел до одговорните. „Секојдневно поминуваме по оваа улица. И самите видовте дека тежината на снегот може да направи проблеми не само кај дрвата и растенијата, туку и кај кровните конструкции на објектите. Овие куќи претставуваат опасност, а можат при поголемо невреме да се срушат и да предизвикаат некоја трагедија.“ – вели еден наш сограѓанин.
Некои ја спомнуваат и куќата во оваа населба, која извесен временски период стои запуштена и урната. „Еве можете и сами да видете, што би се случило доколку некоја од најкритичните куќи се сруши. Од една страна може да направи штета, а од друга претставува грда слика за овој дел од градот. Овие објекти се премногу стари и не им треба многу за да ги снема. Градени се од кал и греди, а веќе долго време останати се така.“ – изјави една наша сограѓанка од населбата Гоце Делчев.
Надлежните инспекциски служби најавуваат дека примарна цел во наредниве денови, ќе биде рушењето на некои од овие објекти. „Причините поради кои не можеме соодветно да делуваме во моментов, се нерешените имотно правни работи. Овие куќи имаат повеќе сопственици, а некои од нив не сакаат да дадат одобрение за рушење. Сепак, ги уверуваме граѓаните дека штом се избере фирма која ќе ги руши овие објекти, ќе зпочнеме со оваа акција.“ – вели Танас Танасоски, раководител на општинскиот инспекторат.
До тогаш, граѓаните ќе мора да бидат претпазливи кога поминуваат по овие улици од централното градско подрачје па се до наслебата „Воска“.
O.T.