Прошетките по природа, посетата на црквите, јавањето на магариња, селските традиционални јадења- ѓомлезе, питулици, печено јагне на жар, како и салатите со свеж, домашно одгледуван зеленчук и домашна ракија- е она што највеќе ги воодушевува гостите, објаснуваат од Секторот за локален економски развој.
“ Наша цел е посетата на овие места да стане дел од туристичката понуда на што поголем број туристички водичи и на тој начин да се промовира руралниот туризам во регионов, вели Горан Мицкоски од ЛЕР. “ Токму со цел промовирање на што поголем број локации во охридско, секоја година манифестацијата Ѓомлезијада се организира во различно село, минатата година беше избрано селото Велестово, а оваа Скребатно” , додава Мицкоски.
Во некои села веќе постои традиција за дочекување на туристите, како што е Куратица, место кое на холандските и израелските гости , им е добро познато. Во некои пак, иницијативата сега заживува.
Руралниот развој во Охридскиот регион заживеа последниве години, но уште многу треба да се направи за селата во овој крај да доживеат подем и станат атрактивни и економско исплатливи туристичка дестинации.
На стратегијата за рурален развој Охридската локална самоуправа работи од 2008-ма година, преку проект на ОБСЕ, за развој на пасивните рурални планински подрачја.