Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека руската армија со хиперсонично оружје уништила голем украински подземен склад за ракети и муниција за авиони во регионот Ивано-Франковск, објавија западните медиуми.

Авијацискиот ракетен комплекс „Кинџал“ со хиперсонични аеробалистички ракети уништи големо подземно складиште на проектили и авијациска муниција на украинските сили во селото Дељатин, изјави денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков.
Западните медиуми додаваат дека не можат независно да го потврдат соопштението на Министерството за одбрана на Русија.

Во опколениот пристаништен град Мариупол, украинските и руските сили се борат за фабриката за челик Азовстал, една од најголемите во Европа, изјави денеска советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, Вадим Денисенко.
Сега е борбата за Азовстал. Можам да кажам дека го загубивме овој економски гигант. Всушност, една од најголемите металуршки фабрики во Европа тукушто се уништува, истакна Денисенко во телевизиско обраќање.

Генералштабот на украинската армија доцна синоќа соопшти дека при руската опсада на Мариупол е изгубен пристапот до Азовското Море.
Русија вчера соопшти дека нејзините сили го „затегнуваат обрачот“ околу Мариупол, каде се проценува дека се оштетени 80 отсто од зградите и куќите, а се сомнева дека околу 1.000 луѓе се уште се блокирани во импровизирани засолништа под уништениот театар.
OhridNews
					



							






