По тврдењата на Министерството за надворешни работи дека протераниот руски дипломат ја шпионирал Македонија, амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчарбек, вели дека иако побарале докази, тие не добиле. Според амбасадорот, овој чекор на Македонија покажува дека одлучила да се приклучи во анти-руската кампања што се спроведува под раководство од Велика Британија. Санкциите не се дефинирани, но наскоро ќе ги има бидејќи, како што вели Шчарбек, оваа политичка одлука на Македонија е непријателски чекор, кој се нема случено во целата историја кога во прашање се односите меѓу двете земји.

„Претпоставуваме дека македонските власти одлучија да го преземат овој непријателски чекор кон нас под притисок од надвор. Но, тоа не е оправдување. Истакнуваме дека оваа избрзана акција се коси со официјалните ставови на власта на оваа држава за градење  конструктивни односи со Русија. Не сакаме да брзаме со нашите одлуки и чекори. Во дипломатската пракса, протерувањето дипломат е многу непријателски чекор. Во свое време ние ќе вратиме со наш одговор, но овој одговор ќе биде адекватен и многу добро промислен од сите страни“, вели амбасадорот Шчарбек.

Амбасадорот на Русија во Македонија го цитираше и соопштението на МНР во кое се вели дека протерувањето на дипломатот било по консултирање на партнерите од ЕУ и НАТО, по што донесе заклучок дека Македонија решила да ѝ верува на Велика Британија. Шчарбек изрази длабоко жалење за ваквата одлука.

„Упорно го повикуваме Лондон да оствари тесна соработка со Русија, да направи сестрана истрага за трагедијата. За жал, британските власти спротивно на сите норми на меѓународното право и етиката, одбиваат да соработуваат со Русија. Тие сакаат преку политичка кампања да ја префрлат вината врз Русија. Се одвива намерно пумпање на конфротациите. Врз основа на политички притисок инспирирано е протерување на руските дипломати и низ другите земји“, додава Шчарбек.

Недоследната политика што ја спроведуваше дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ доведе до тоа да ја изгубат власта, коментира амбасадорот Шчарбек по изјава на потпретседателот на паријата, Александар Николовски, дека Москва не била партнер за ВМРО-ДПМНЕ.

Вкупно 26 земји во светот протераа вкупно 121 руски дипломат како одговор на труењето на рускиот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Велика Британија. Според британската премиерка, Тереза Меј, ова е најголемо координарно протерување руски дипломати во историјата. Скрипал и неговата ќерка Јулија на 4 март беа пронајдени онесвестени на клупа во Солсбери, јужна Англија. И двајцата се во критична состојба, а за нападот е обвинета Русија со оглед на тоа што тие се отруени со нервен гас „новичок“ за кој се тврди дека е руско хемиско оружје.

OhridNews

Макфакс