Квартетот Чајковски својот прв успех го има уште далечната 1975-та година, кога членовите на овој состав се студенти на Московскиот конзерваториум Чајковски и победуваат на престижниот фестивал Барток. Десет години подоцна негувајќи ги традициите на руската изведувачка школа- длабока експресија и рафинираност во изведбата, квартетот Чајковски гради успешна меѓународна кариера со настапи на концертните подиуми ширум светот.
– Голема чест е да се биде во Охрид како гостин на “ Охридско лето”, фестивал кој е светски познат. Ве поканувам вечерва на концертот. Верувајте спојот на руската школа, македонската крв и светските школи, ќе придонесе концерт да се памети уште долго- изјави Сергеј Батурин, основач и директор на квартетот.
Освен Батурин, во квартетот Чајковски членуваат и Николај Саченко, брилијантно надарен виолинист, Захар Малахов, најмладиот член кој успешно се вклопи во овој состав и Кирил Родин, светски познат челист.
Јана Павловска се вбројува меѓу најуспешните македонски пијанисти од младата генерација. Стручно се усовршува на бројни семинари и мастер класи кај познатите педагози, вклучително студискиот престој и солистички концерт при институцијата Ците дес Артс во Париз, Кралската Летна Академија во Бирмингем, Летната Академија во Брач, Интернационалниот фестивал на млади музичари во Србија и др..
– Навистина сум среќна што сум повторно дома и што пред својата публика ќе докажам дека можеме да се мериме со сите музичари, дека музиката е универзална категорија која доколку и се предадеш ќе создаде од тебе добар музичар– рече Јана Павловска.
На репертоарот на вечерашниот концерт се делата на Моцарт, Бетовен и Брамс.