Како резултат на активностите на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за привлекување на што поголем број туристи, спроведени со поддршка на Владата на РМ и македонските трговски претставници во Руската Федерација, деновиве во земјава престојува првата група руски гости кои допатуваа преку тур-операторот „Морска ѕвезда“ од Москва.

Нивното доаѓање е резултат на потпишаниот годишен договор за соработка со тур-операторот „Морска ѕвезда“, информира Зоран Јакимоски од ТА Камелија од Скопје.

–    Се надевам дека успешно ќе ја сработиме оваа година со оглед дека руските партнери пред само три седмици беа во Македонија кога им ги претставивме главните културно-историски знаменитости и за само три седмици веќе успеаја да соберат група туристи од Русија за Македонија, рече Јакимоски.

Руските туристи, кои го посетија и Охрид,  со позитивни впечатоци од изминатите неколку денови од нивната посета во Македонија.

Македонија за нас е извонредно откритие. За жал претходно многу малку  знаевме за земјата. Тука видовме многу интересни, единствени работи, од природните убавини до најразлични верски објекти и храмови. Од се што видовме, не е чудно што сте на листата на заштитени дестинации на УНЕСКО,  изјави Људмила Змијевскаја.

Менаџерот од рускиот тур- оператор, Маргарита Гаспаријан, ја нагласи заинтересираноста на агенцијата за продажба на македонски аранжмани на рускиот пазар. Таа рече дека очекува да се оствари планот за привлекување на што поголем број руски туристи во Македонија, за што верува дека ќе придонесе и промовирањето на македонската туристичка понуда кое се врши на три значајни руски телевизиски канали.

Како што изјави Гаспаријан, Македонија е дестинација со интересна понуда, а рускиот туристички пазар има голем потенцијал со над 20 милиони жители само во регионот на престолнината Москва.

OhridNews