Ракометарите на Охрид со триумф ја заокружија 2018 година. „Гладијаторите“ на домашен терен во рамките од 14-та рунда рутински го совладаа тимот на Радовиш со 41-32 (24-14) за десетти триумф сезонава во Супер лигата.

Радовиш рамноправен противник во СРЦ „Билјанини Извори“ беше во првите десеттина минути. Гостите со водство 2-0 го отворија мечот. Потоа водеа и со 4-2. Втората негатива од два голови ги разбуди охридските ракометари кои одговорија со серија 8-1 за водств 10-5.

Охриѓани не застанаа и продолжија во исто темпо за предност од 18-10. До крајот на полувремето стигнаа до двоцифрена разлика на семафорот (24-14).

И покрај големото водство домаќините во вториот дел не се опуштија и дојдоа до најголема предност од 15 голови (35-20). Охрид започна со ротација во составот, но младинците кои добија шанса за настап почнаа ноншалтно да играат, што не е дозволиво за мечевите од Супер лигата. Радовиш го искористи лошиот пристап на младинците и ја раситна двоцифрената разлика и избегна голем пораз во Охрид. Конечниот резултат беше 41-32.

Со трите бодови Охрид финишираше на втората позиција на табелата во Супер лигата. Четирите мечеви кои ги очекуваат охриѓани на пролет ќе одлучуваат за пласманот во плејофот.

РК Охрид: Брауновиќ (9 одбрани), Јовановски (7 одбрани), Трајкоски, К. Андоноски 5, Ивановски 3, Блажески 10, Костов 1, Димитриески, Соколов 1, Д. Андоноски, Тасески 6, Ристески, Георгиевски 9, Димитријески 3, Петровиќ 1, Везенковски 2

РК Радовиш: Тушев (2 одбрани), Мицев (2 одбрани), Димов, Атанасов 1, Јованов 1, Илиев 8, Долдуров 1, Колоски 2, Ѓорѓиев 4, Спасков 2, Симиќ 10, Ристов, Трајанов , Бујиќ 3

OhridNews
Фото: Емил Јовановиќ