Специјалното Јавно Обвинителство како структура ќе се интегрира со досегашното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и добива нов назив: „Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција“. Ова е предлогот кој ќе се најде пред пратениците во Собранието најави денеска премиерот Заев, откако не успеаја обидите за средба со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Ова ЈО ќе има надлежност на целата територија на РСМ и ќе ги има гаранциите за самостојност во делувањето кои одговараат, во најголем дел, на досегашната позиција на СЈО, а сепак ќе биде во хиерархија на субординација на државното Јавно обвинителство.

Новото ЈО за гонење на организиран криминал и висока корупција ќе биде водено од обвинителката Вилма Русковска, која има мандат, и која во моментов го води ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, а сите обвинители кои работат во СЈО ќе продолжат да работат во новото ЈО. Нивниот мандат е до 15 септември и имаат право да бидат реизбрани. На овој начин ќе ја обезбедиме досегашната структура и ресурси на СЈО во нова форма и без каква било можност политичарите да одлучуваат за составот и раководството на ова обвинителство. Сега тие одлуки ќе ги носи Советот на јавни обвинители како надлежна институција, како што предвидува законот.- репе Заев.

Сите случаи кои се пред судовите, за кои СЈО е надлежно согласно закон, ќе ги продолжи и ќе ги застапува пред надлежните судови новото ЈО, согласно досегашната законска рамка во фазата во која се застанати. Постојните вработени и истражители во постојните обвинителства преминуваат во новоформираното обвинителство, како и архивата, материјалните средства и опремата, истакна премиерот.

OhridNews
фото: влада.мк