Недостигот на педијатри и одбивањето на лекарите од Струга да ротираат во Охридската Општа болница, се причината што Детското одделение во Охрид остана без 24 часовна хоспитализација на пациенти, рече министерот за здравство Беким Сали.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Општа болница – Струга во однос на неговото ветување од пред четири месеци дека педијатри од Струшката болница ќе ротираат во Охридското Детско одделение, посочи дека и покрај тоа што не е изнајдено целосно решение, сепак пациентите од Охрид се примаат во Болницата во Струга.

Имајќи во предвид дека се соочуваме со систем којшто воглавно е амортизиран во делот на недостиг на кадар, и имајќи во предвид дека есенската сезона беше со грип исто како и секоја година се повторува не бевме во можност да пратиме здравствен кадар во Охрид. Меѓутоа сите доктори коишто се во Општата болница во Струга беа на располагање на тие пациенти, изјави Сали.

Здравствениот кадар, како што нагласи, не можеле да го создадат преку ноќ, потсетувајќи на специјализацијата на двајца лекари од Охрид.

Тоа што во период од 10-12 години се случуваше со заминување на здравствен кадар од јавниот во приватниот сектор и заминувањето во пензија, а не се надоместуваше со нов кадар којшто би почнал со специјализации тоа подразбира дека некогаш една здравствена установа ќе се соочи со недостиг на кадар. Тоа не е само во Охрид. Истото се случува и во повеќе јавни здравствени установи коишто ние оваа година веќе почнавме со нова програма, истакна ресорниот министер.

Директорот на Општа болница Струга Арменд Арслани потврди дека нивните педијатри не се согласуваат да ротираат, но оти имаат кадар кој веќе е вклучен со работа во Охрид и очекува за краток период да се воспостави и систем на дежурства и да биде функционален и Одделот во Охрид.

Постојано сме биле во координација и со Министерството за здравство и со институциите во Струга и Охрид. Сега во тек се два трансфера коишто се во Охрид. Значи, имаме и таму специјалисти коишто ќе бидат четири, имаме и согласност која што е со двајца консултанти и мислам дека прва и втора смена се веќе покриени во Охрид, тоа е веќе подолг период, не знам колку месеци точно, два или три, но сепак очекуваме во наредниот период да се воспостави систем на дежурства и со тоа ќе се среди цела оваа ситуација, рече Арслани.

OhridNews