Лидерот на Нова демократија Антонис Самарас смета дека нема да има полза од состанок меѓу него и премиерот Никола Груевски, пренесува „Макфакс“.
Во одговорот на поканата за средба упатена од премиерот Груевски, Самарас вели дека најдобро е да се охрабри постоечката процедура на официјални разговори, за да се реши проблемот што побрзо.
„Сепак обврзан сум да истакнам дека систематските активности на вашата Влада и официјалните лица на ПЈРМ, и поставуваат пречки на споменатата процедура. Оттука, силно ве охрабрувам да усвоите позитивен пристап во однос на ова важно прашање со кое се соочуваат нашите две влади и кое се согласија да се реши“, вели во писмениот одговор Самарас.
Од друга страна, грчкиот премиер Лукас Пападемос, во одговорот на писмото од премиерот Никола Груевски од 26 ноември, вели дека неговата земја останува поддржувач на проширувањето на Унијата.
„Наоѓањето на заеднички прифатливо ерга омнес решение за името како резултат на преговорите во рамките и под покровителство на Обединетите нации, останува од суштинска важност“, се вели во одговорот на Пападемос на писмото на Груевски.
извор: „Макфакс“












