Гостувањето на фудбалската селекција на Бразил се погрижи за мундијалска атмосфера во главниот град на Австрија неколку дена пред стартот на планетарното фудбалско натпреварување во Русија.

Самба се играше по улиците низ градот на „валцерот“ до доцна во ноќта славејќи го не само триумфот туку и успешното враќање во тимот на најдобриот бразилски фудбалер во моментов Нејмар.

– Среќни сме поради Нејмар. Тој е многу битен елемент во нашата игра. Одигра солидни 80 миути и со него во составот може да победиме секого. Неговото присуство е важно не само на теренот туку и за целокупната атмосфера во селекцијата – рече Силвињо, помошникот на бразилскиот селектор Тите.

Петкратниот првак нема титула од 2002 година, по убедливиот пораз на последниот собир „кариоките“ се претпазливи во своите изјави. Освојувањето на трофејот секако е цел, но ..

–  Не размислуваме толку далеку, долг е патот до финалето и триумфот. Прво да ја минеме групата, па потоа чекор по чекор, секако дека посакуваме да стигнеме таму.  Бразил е еден од фаворитите но тука се секако Германија, Аргентија, Шпанија и Франција, го стеснува кругот Силвињо .

Среќни, насмеани љубителите на фудбалот го напуштаа стадионот во Виена. И покрај поразот домашните навивачи се покажаа како добри домаќини поздравувајќи ги со аплаузи бразилските ѕвезди.  

– Штета што не сме дел од СП, тогаш еуфоријата ќе беше уште поголема но да се гледа Нејмар и селекцијата на Бразил неколку дена пред стартот е вистинско задоволство – коментираа домашните навивачи.

Пријателскиот приемот на „кариоките“ го изненади и Луиз Кастро еден од бројните новинари кои ја следеа бразилската репрезентација во Виена. – Навистина нешто извонредно, бразилските фудбалери добиваа аплаузи за секој еден потег на теренот, и тоа од домашните навивачи нешто што се гледа ретко. Имаме добар состав но не сме фавроит број еден. Тука се Шпанија, Германија, Франција, но и Аргентина. Не би сакал да се сретнеме со Меси, па кога тој би имал добар ден едноставно е незапирлив.  – смета Кастро.

За карневалска атмосфера во Виена се погрижија и големиот број бразилски навивачи за кои Виена беше последна станица пред мечот Бразил – Швајцарија во Ростов.

– Атмосферата за време на секој Мундијал е ваква, се слави се игра по улиците, за нас бразилците фудбалот е се – коментираат бразилските навивачи.

Селекцијата на Бразил испрати силна порака по убедливиот триумф со 3-0 над Австрија на последниот меч од подготовките за Светското Првенство во Русија. Пред полните трибини на “Ернст Хапел“ „кариоките“ славеа со погодоците на Габриел, Нејмар и Кутињо. Австрија пред неколку дена ја совлада Германија со 2-1, но нема сила ѕа уште едно „мало чудо“.

– Сметам дека го видовме новиот светски првак. Едноставно бразилскиот состав беше класа подобар од нас – истакна Арнаутовиќ.

По пауза од три месеци поради повред во стартниот состав се појави Нејмар кој со постигнатиот гол, 55. во “селесао“ се изедначи на вечната листа со Ромарио. Повеќе голови од него имаат постигнато само  Пеле (77) и Роналдо (62).

– Одигравме одличен меч, нашиот квалитет го потврдивме на теренот. Повредата е минато, задоволен сум со покажаното на теренот и со моите движења, Светското првенство може да почне – порача од Виена , Нејмар.

Мундијалот во Русија започнува во четврток 14 Јуни, а на отварањето ќе се сретнат селекциите на Русија и Саудиска Арабија.

M.П.